Програмата за комерцијална ефикасност и бизнис планирање

Тренинг центарот на АДКОМ започна со спроведување на првата програма од Дунавското партнерско учење „Комерцијална Ефикасност и Бизнис Планирање “. Програмата беше спроведена преку шест модули, од кои два се одржaа во мај (30 и 31.05), а останатите четири модули во јуни (19, 21, 25 и 27.06) во неколку градови во Република Македонија. На модулите активно заземаа учество учесници од ЈП „Водовод и Канализација Скопје, ЈПКД „Комуналец“ Струмица, КЈП „Водовод“ Кочани,  ЈП „Водовод“ Куманово, ЈКП „Услуга“ Берово, и ЈКП „Комуналец“  Демир Хисар. Обучувачи на оваа програма беа Г-дин Јане Вртески и Г-ѓа Билјана Ангелова.

Програмата за комерцијална ефикасност има за цел да ги поддржи претпријатијата за подобро разбирање на концептот на комерцијална ефикасност. Оваа програмата за обука рефлектира меѓународни Know-how и други најдобри практики поврзани со предизвиците, методологиите, практиките и перформанс индикаторите кои треба да бидат размотрени од страна на секое претпријатие кое се бави со водоснабдување и/или одведување и/или пречистување на отпадни води а кое сака да биде финансиски само-одржливо во извршувањето на своите услуги до крајните корисници. Оттаму, оваа обука не се однесува само на воспоставување на добри практики за комерцијална ефикасност туку и на развој на модел за бизнис планирање кој квантитативно ги поврзува комерцијалната ефикасност со финансиските перформанси.

Г-ѓа Ангелова  напомена дека комерцијалниот менаџмент и неговата ефикасност е тесно поврзан со покривање на трошоците и оттаму тој треба да обезбеди финансиска одржливост на претпријатието. Г-ѓа Ангелова подетално ги прикажа компонентите на комерцијалната ефикасност. Притоа беше претставен еден бизнис модел, кој е развиен од страна на IAWD. Истиот беше детално објаснет со цел учесниците да можат да го користат како своја менаџерска алатка и да внесуваат податоци и притоа да ги пресметаат тарифите.

Г-дин Вртески додаде дека со цел АДКОМ да излезе во пресрет на ЈКП при справување на постојните реформи во однос на тарифите за водните услуги, во програмата “Комерцијална Ефикасност“ е додаден и дел за бизнис планирање. Г-дин Вртески ги посочи сите елементи кои го сочинуваат Бизнис Планот, а при тоа се осврна и на индикаторите за успешност.

Претставниците од Регулаторната Комисија за Енергетика, г-ѓа Андријана Нелкова Чучук и г-дин Шамил Реџепи подетално ги информираа присутните во врска со опсегот на работата на Регулаторната комисијата, како и во однос на обврските од страна на давателите на водни услуги. На учесниците им беше презентирана веб платформата за поднесување на барањата за утврдување на тарифи за водни услуги и годишни извештаи за работа.

Г-дин Јане Вртески ги дефинираше стратешките цели на комерцијалната ефикасност, карактеристиките за истите,  при тоа беше направено поврзување на стратешките цели со приоритетите на претпријатието и клучните показателите на изведбата, како што беше потенцирана и важноста на донесување на идните менаџерски одлуки врз основа на стратешките цели. При завршувањето на оваа тема преку вежба се дефинираа стратешките цели на секое ЈКП одделно.

Во текот на овој програма беше обработена и темата за анализа на побарувачката на вода и проценка за продажба на водата.

Г-дин Вртески напомена дека анализата на побарувачката за вода:

  • Воспоставува и предвидува побарувачка врз основа на локалните услови и искуство
  • Одредува количина на неприходувана вода
  • Поддржува проценка на идните заштеди кај трошоците од намаленото производство и пренос
  • Поддржува проценка на идната продажба на вода и просечна цена на услугите

Со цел практична примена на податоците, г-дин Вртески заедно со учесниците изработи и воден биланс.

Г-ѓа Ангелова објасни подетално околу капиталната обнова, капиталната поправка и замена и новите капитални инвестиции.

Утврдување на вкупните потреби за приходи и утврдување на тарифната стратегија, исто така беше презентирано од страна на Г-ѓа Ангелова и при тоа беше напоменато дека по комплетирањето на овој модул, учесниците ќе можат:

  • Да ја разберат разликата помеѓу потребите за приходи и расходите за ОР&О
  • Да ја разберат важноста за воспоставување на потреби за приходи на претпријатието.
  • Да ја идентификуваат и развијат секоја ставка вклучена во рамките на потребите за приходи.
  • Да ги идентификуваат факторите кои влијаат врз Тарифната стратегија.
  • Да ја изберат посакуваната тарифна структура

Г-ѓа Лолита Стојановска, ги информираше присутните дека со завршувањето на оваа програма учесниците добиваат сертификат од IAWD, како и можност да бидат дел избраните тренери за потребите на проектот кој се реализира преку АДКОМ, односно проектот за подготвување на Бизнис Планови и Планови за Прилагодување на Тарифите за помалите претпријатијата со > 10 000 еквивалент жители.