Sponsor 1

Вовед во Програмата за Обука за ЈКП за водоснабдување - Безбедност на вода и управување со кризи

На ден 12-ти февруари 2019 година, Тренинг центарот на АДКОМ заедно со  Центарот за управување со кризи на Република Северна Македонија, Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, и Дунавското партнерство за учење го организираа промотивниот настан за најава на Програмата за Обука “Безбедност на вода и управување со кризи: Основи на континуитет на работење за управување со ризици од катастрофи“.

 

АДКОМ го организира овој настан со поддршка на  Меѓународната асоцијација на водоснабдителни компании од дунавското сливно подрачје (IAWD), во функција на поддршка на ЈКП за водоснабдување во градењето на капацитети за да можат да одговорат на своите законски обврски од областа на безбедноста на водата и управувањето со кризи, како и во поддршка на дијалогот и соработката на институциите од локално и централно ниво.

 

На настанот најпрво беа презентирани здравствените аспекти, а презентацијата беше подготвена од страна на проф. д-р Михаил Кочубовски, Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија.  Свое излагање имаше и д-р Стевко Стефаноски, Управување со кризи - Центар за управување со кризи на Република Северна Македонија, кој при својата презентација детално ја елаборираше законската рамка, обврските и надлежностите на Центар за управување со кризи на Република Северна Македонија.

 

 Г-ца Леа Павловиќ, Тренинг Менаџерот во Тренинг Центарот на АДКОМ во своето излагање посочи дека АДКОМ активно работи на градењето на капацитетите и дека минатата година една од клучните програми развиена од страна на IAWD  и D-LEAP беше спроведена , односно програмата за „Комерцијална Ефикасност и Бизнис Планирање“. Оваа година АДКОМ наскоро ќе започне и со реализација на втората програма, однос со програмата за “Безбедност на вода и управување со кризи: Основи на континуитет на работење за управување со ризици од катастрофи“.

 

Г-дин Јане Вртески, консултант на АДКОМ, малку подетално ги информираше присутните со Дунавското партнерство за учење (The Danube Learning Partnership - D-LeaP).

 

Претставникот на Техничкиот партнер на Дунавското партнерство за учење и  изработувачот на програмата за обуката „Безбедност на вода и управување со кризи: Основи на континуитет на работење за управување со ризици од катастрофи“, г-дин Christian Plohberger, ја имаше последната презентација. Тој при своето излагање даде краток вовед за програмата, како и ја потенцираше важноста од спроведување на истата.

 

Г-ѓа Лолита Стојановска, извршен директор на АДКОМ, пред крајот на самиот настан рече дека сите ЈКП ќе добијат известување за почетокот на реализацијата на обуката и за пријавување на учество во истата. Притоа г-ѓа Стојановска додаде дека програмата за ЈКП ќе биде спроведувана на македонски јазик и е дизајнирана врз принципите на учење по пат на пракса. Таа вклучува комбинација на работилници за обука лице-в-лице, кои обезбедуваат алатки и техники за справување со предизвиците со кои се соочуваат; да следат како тие се применуваат во пракса, проследено со обука на работа, каде претпријатијата учесници ги применуваат алатките и техниките во нивната средина и развиваат конкретни производи (дијагностика, акциони планови, тарифни планови итн.).