Sponsor 1

Церемонија потпишување на Меморандум за разбирање

Една од клучните активностите, која беше превземена од страна на АДКОМ во текот на 2018 година беше имплементацијата на проектот „Поддршка за воспоставување платформа за дијалог за водните услуги во Република Македонија“, преку кој се организираа неколку тркалезни маси и на истите се дискутираа главните предизвици и можните решенија за проблемите во секторот води.

Засегнатите страни во секторот покажаа висок интерес и активно учество на тркалезните маси, со што дадоа свој придонес во стимулирање на дијалогот.  Со цел продолжување на примената на оваа добро воспоставена практика, како и продолжување на успешната и тесна соработка на засегнатите страни во секторот на водни услуги, беше покрената иницијатива за потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу АДКОМ, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и водни услуги на Р. Северна Македонија и регионалниот проект „Регионална мрежа за јакнење на капацитетите во секторот водни услуги“ имплементиран од страна на GIZ, а финансиран од Владите на Швајцарија и Германија.

 

Целта на Меморандумот е да обезбеди основа за продолжување на заедничките напори на партнерите за зголемување на ефикасноста и квалитетот на водните услуги во Р. Северна Македонија преку заедничка координација, редовна размена на информации, како и усогласување на заеднички систематизирани ставови за подобрување на условите за работа на давателите на водни услуги.

 

Извршниот директор на АДКОМ, г-ѓа Лолита Стојановска официјално ја отвори церемонијата и најпрво ја искажа својата благодарност до ЈКП за нивната поддршка, до консултантите кои беа вклучени во овој процес, но исто така и до донаторите, без кои не би можело да се реализираат клучните активности. Г-ѓа Стојановска додаде дека потпишувањето на овој меморандум значи поттик за уште поголемо ангажирање за соработка и дијалог во оваа област и добивање поквалитетни услуги од корисниците.

 

Претседателот на АДКОМ, г-дин Зоран Горгиев истакна дека овој Меморандум за разбирање носи голема одговорност за сите партнери кои го потпишуваат и дека  со истиот заеднички ќе  продолжат да соработуваат во исполнување на веќе нагласените предизвици во секторот води.

 

Меморандумот во име на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и водни услуги на Р. Северна Македонија беше потпишан од претседателот, г-дин Марко Бислимовски. Тој истакна дека во секторот води во изминатиот период беа извршени клучни интервенции. Притоа г-дин Бислимовски  додаде дека спроведувањето на реформите на водниот сектор во Република Северна Македонија немаше да биде во моменталната состојба и ниво, без интензивна соработка и помош дадена од страна на сите чинители на системот како на национална така и на меѓународна рамка. Г-дин Бислимовски рече дека силно верува дека интензивирањето на соработката ќе придонесе во постигнувањето на целите на овој реформен процес и преку ефикасна координација и разбирање ќе се постигнат позитивни резултати во градењето на системот како на централно, така и на локално ниво.

 

Од страна на  Проектот „Регионална мрежа за развој на капацитети (RCDN) за водоснабдување и санитарни услуги", меморандумот беше потпишан од GIZ фонд менаџер г-дин Петер Волф.

 

 Г-дин Волф нагласи дека Германија е еден од најголемите донатори во светот во областа на услугите за водоснабдување и канализација, притоа додаде дека Швајцарската поддршка пак за Република Северна Македонија се финансира преку SEKO и SDC и се спроведува преку Швајцарската амбасада. Токму проектот "Регионална мрежа за развој на капацитети за водоснабдување и канализација" е финансиран преку владите на Германија и се спроведува преку GIZ. А целата идеја на проектот е да ја зголеми ефективноста и ефикасноста на комуналните претпријатија за водни услуги во западниот Балкан, со цел обезбедување на подобри услуги кон населението.  Г-дин Волф како една од пораките кои треба да се пренесат, додаде дека особено важно е да се поддржи поделбата на улогите и да се поттикне соработката меѓу ЈКП, општините и Регулаторот. На тој начин се очекува дека и меѓународните финансиски институции и донаторите ќе бидат заинтересирани и ќе се приклучат или ќе ги поддржат таквите платформи за дијалог, бидејќи инфраструктурните инвестиции што се финансираат од нив ќе бидат обезбедени и одржани преку адекватни мерки на развој на капацитетите.

 

Партнерите кои го потпишаа Меморандумот ќе ги продолжат и ќе ги интензивираат активностите за координација преку учество и стимулирање на дијалогот на национално ниво со сите останати заинтересирани страни во секторот водни услуги, и тоа:  Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за транспорт и врски, Министерство за локална самоуправа, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за информатичко општество и администрација, Министерство за економија, Министерство за здравство, Државен инспекторат за животна средина, Државен инспекторат за комунални дејности, како и со претставниците на Делегацијата на ЕУ, билатерални и мултилатерални донатори, меѓународни агенции и финансиски институции.