Sponsor 1

ЈУБИЛЕЈ - 15 години АДКОМ

На одбележувањето на 15 години од формирањето на АДКОМ, здружение во кое членуваат повеќе од 80 јавни комунални претпријатија, отворено се проговори за сите проблеми. Се апелираше  до централната и локалната власт со цел добро да се разгледаат сите аспекти и штетни последици со почетокот на примената на Законот за зелените пазари, за задолженоста на  комуналните претпријатија кон државните и приватните институции, проблемите кои ги предизвикува постоечкото решение за статусот на вработените во ЈКП,  недостатокот на возила и механизација во комуналните претпријатија, човечките капацитети и висината на платите во претпријатијата.

 

Јавните комунални претпријатија се од исклучителна важност за секојдневието на секој граѓанин. Животот и секојдневието на граѓаните да функционираат во чиста, здрава и достоинствена животна средина. Обединети во оваа своја асоцијација, како место за заедничка размена на искуства и утврдување на приоритетите, членките на АДКОМ го даваат својот придонес како одговорни компании, истакна Премиерот Зоран Заев при своето излагање.

 

Премиерот Заев ја оцени како исклучително важна улогата на јавните комунални претпријатија во општините и дека е особено значајна иницијативноста низ АДКОМ за да се артикулираат заедничките насоки и препораки за да се постигне висок степен на функционални комунални јавни претпријатија за развојот и квалитет на услугите што им ги испорачуваат на граѓаните и на локалните заедници.

 

Идејата и мотивите, од пред 15 години, за формирање на АДКОМ како непрофитна асоцијација на давателите на комунални услуги се докажаа како издржани, рационални и одржливи. АДКОМ активно делува на сите полиња кои се во делокруг на работењето на Јавните комунални претпријатија, рече претседателот на УО на АДКОМ Зоран Горгиев и додаде дека слободно да се каже дека денес АДКОМ претставува неопходен и значаен механизам за координација, вмрежување, лобирање и застапување на Јавните комунални претпријатија.

 

За време на свечениот настан беше потенцирано дека АДКОМ за да може да го поддржи градењето на капацитетите на своите членки во давањето на услугите, формира Тренинг Центар преку кој ќе се обезбедат нови знаења и размена на искуства во комуналната сфера, а притоа пред присутните се нагласи дека АДКОМ повеќе години е дел од регионалните иницијативи за градење на капацитетите на асоцијациите, комуналните претпријатија и локалните власти, како што се Дунавското партнерство за учење на IAWD и регионалниот проект „Регионална мрежа за јакнење на капацитетите во секторот водни услуги“ имплементиран од страна на ГИЗ, а финансиран од Владите на Швајцарија и Германија. Учеството на регионални и меѓународни конференции и саеми, билатералната соработка со сличните асоцијации од регионот се само дел од меѓународната соработка на АДКОМ. Беше и посочено дека АДКОМ своето работење и активности ги реализира преку соработката со Министерствата на Владата на Република Северна Македонија и последните две години интензивно работи со Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.

 

АДКОМ соработува со здруженија на граѓани, со локалната и со централната власт, секогаш подготвени да бидеме иницијатор и двигател на развојот, убедени дека секое комунално претпријатие има силен потенцијал, за да биде активен чинител во заедничката долгорочна развојна стратегија на државата, рече претседателот на АДКОМ.

 

Во текот на своето излагање претседателот на АДКОМ нагласи и дека АДКОМ активно работи на стимулирање на дијалоготот помеѓу засегнатите страни во комуналниот сектор преку организирање на голем број настани. Во оваа насока потпишаниот меморандум за разбирање помеѓу АДКОМ, ЗЕЛС, Регулаторната Комисија за Енергетика и Водни услуги на Република Северна Македонија и регионалниот проект „Регионална мрежа за јакнење на капацитетите во секторот водни услуги“, која од една страна претставува платформа за иницирање, одржување и унапредување на овој дијалог во секторот на водни услуги, а од друга страна дава рамка за дијалог со чинителите во сите други комунални услуги.