На 29 октомври 2024 година се одржа размена на искуства на Заедницата на практичари за отпадни води на АДКОМ. Настанот се одржа во Кочани, со учество на претставници од комуналните претпријатија, раководители на пречистителните станици и специјалисти за лабораториски процеси.
Настанот започна со теренска активност во која учесниците ја посетија ПСОВ -Мојанци. За време на посетата, беше презентиран процесот на третман на отпадна вода, од добивање и третман на милта, сè до нејзиното користење за производство на компост, кој понатака се користи како ѓубриво. Во продолжение на овој настан, учесниците разменија искуства и практични знаења поврзани со управувањето на отпадот од пречистителните станици. Дополнително се разгледаа и методи за максимално искористување на милта со цел да се намали количеството отпад што завршува на депонии -„нула отпад“. Се презентираа и примери на користење обновливи извори на енергија, како што се соларните панели, начин на функционирање, предности и недостатоци, со цел намалување на оперативните трошоци. Воедно, учесниците се запознаа и со процесот на користење на милта како суровина за добивање на КОМВОД и негов пласман до земјоделците.
Настанот овозможи зајакнување на професионалните врски меѓу учесниците, што поттикна дискусии за соработка и имплементација на нови поодржливи технологии и решенија во нивните пречистителни станици.