АДКОМ
Одржана Конференција во рамки на проектот „Дигитална Трансформација на јавните водоводни услуги“
На 25 февруари 2025 година во Скопје се одржа конференцијата „Дигитална трансформација на јавните водоводни услуги“ организирана од АДКОМ. Овој настан беше дел од тригодишен проект што го поддржуваат Германската Влада и Македонски Телеком, а се спроведува во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), АДКОМ и Македонски Телеком.
Конференцијата обедини претставници од владините институции, меѓународни партнери, јавните комунални претпријатија и експерти од индустријата, кои дискутираа за напредокот и предизвиците во дигитализацијата на водоснабдителниот сектор. Разговорите беа фокусирани на зголемување на транспарентноста, подобра контрола на потрошувачката на вода и намалување на оперативните трошоци на јавните комунални претпријатија.
Во рамки на конференцијата беа претставени клучните резултати од проектот, вклучувајќи ја инсталацијата на 1000 паметни водомери во три пилот-општини – Крушево, Дојран и Кавадарци. Овие уреди овозможуваат следење на потрошувачката во реално време, што значително го подобруваат управувањето со водните ресурси и овозможуваат побрза детекција на загуби и дефекти. Покрај тоа, развиени се ГИС регистри и хидраулички модели во три пилот општини- Крушево, Дојран и Радовиш за подобро планирање и оптимизација на водоснабдителните мрежи.
Во дискусијата се разгледуваа неколку аспекти поврзани со дигиталната трансформација на јавните услуги. Се посочи потребата од развој на стратегија која, во рамките на петгодишен период, ќе води кон целосна дигитализација на јавните комунални претпријатија, со цел да се обезбеди одржливо и ефикасно водење на услугите. Нагласената беше важноста на активна соработка меѓу сите засегнати страни, бидејќи само преку заеднички напори може да се постигне интегриран и иновативен пристап кон дигиталната трансформација.
Дополнително, се истакна улогата на дигиталните технологии во управувањето со водните ресурси, особено во контекст на предизвиците предизвикани од климатските промени. Во рамките на програмите за соработка, се развиваат иновативни решенија кои имаат потенцијал да овозможат поодржливо и ефикасно управување со водата. Исто така, се зборуваше за придобивките од примена на паметни водомери, кои придонесуваат не само за зачувување на природните ресурси туку и за значително подобрување на квалитетот на услугите за корисниците. Дигиталните решенија се гледаат како примери за технологии кои можат да се применат во различни области и да ја зголемат ефикасноста на јавните услуги во целина.
Конференцијата во Скопје беше доказ дека кога знаењето, искуството и иновацијата се обединети, вистинските промени се возможни. Но, вистинската трансформација започнува сега – во секој град, во секоја општина, во секоја одлука што ја носиме за подобро управување со водните ресурси. Бидејќи иднината не ја чекаме – ја создаваме.
.
.
.